Радио KISS FM – EX-YU Музика Радио KISS FM -Имаме нешто заедничко, сакаме добра музика!
По патот со облаците Yana Bolder
Петар Грашо со нова романтична балада KissFM
Дваесеттото издание на OFFest ќе се одржи од 9 до 13 ноември во Скопје. Планираната програма е свежа, разнобојна и возбудлива, една од најинтересните во скорешната историја на фестивалот. Сеќавањата на делото на големата португалска пејачка легенда Амалиа Родригез (1920-1999) ќе бидат оживеани со настапот на извонредното дуо ЛИНА И РАУЛ РЕФРИ (Португалија/Шпанија) коешто испорачува модерно и надградено фадо, музика што ги надминува географските одредници, како и со проекцијата на документарниот филм „The Art of Amalia”, посветен на култната кралица на фадото. Мистичниот минимализам, имагинарниот фолк и нескротливата музичка фантазија и вештина на триото ШИРОМ (Словенија), во комбинација со апокалиптичната самба на извонредниот гитарист/композитор и воедно еден од најзначајните експоненти на современата бразилска музика КИКО ДИНУЧИ и неговата специјална гостинка ЈУСАРА МАРСАЛ ветуваат исклучително концертно доживување од највисок ранг. Конечно, величествената моќ на еден од најинвентивните и најоригиналните африкански автори БЛИК БАСИ (Камерун/Франција) одлично се вклопува во неодоливиот шарм, визија и поезија на ПИЈАН СЛАВЕЈ (Македонија), новиот проект на Бранислав Николов, фронтменот на Фолтин. Извонредно моќна, возбудлива и оригинална музичка врска меѓу двајца неверојатни музичари. РАУЛ РЕФРИ, еден од најиновативните европски продуценти во последната деценија (Росалиа, Силвиа Перез Круз, Ли Раналдо од Sonic Youth итн.), бил длабоко импресиониран од гласот на ЛИНА, кога ја слушнал како пее во култниот „Clube de Fado“ во Лисабон. Лина, пак, истакната фадо пејачка со класично образование, два албума за Sony Music и експерт за Амалиа Родригез, селектирала некои од класиците на фадо дивата и тие веднаш започнале да работат во студио на нивниот заеднички проект. Раул создава сосема нова звучна подлога за нејзините фасцинантни интерпретации на класичниот репертоар на големата кралица на фадото, со брилијантни аранжмани, комплетно нов, неиспробан пристап и уникатен електронски поглед кон фадото, истакнувајќи ја нејзината универзална димензија. Заменувајќи ги гитарите со пијано и аналогни синтисајзери, тие ја реобмислуваат музиката, задржувајќи ја притоа раскошната убавина на мелодиите и копнежливоста на поезијата, толку витален дел од традицијата. Нивниот албум “Lina_Raül Refree” (Glitterbeat, 2020), испорачува осовремено и надградено фадо, звук што ги надминува географските ограничувања. „Не сакаме да свириме нешто што звучи како да веќе постои“. Словенечкото инструментално трио ŠIROM се враќа со својот „имагинарен фолк“, со калеидоскопскиот трет албум, „A Universe that Roasts Blossoms for a Horse“ (Glitterbeat records) и со нова серија концерти низ светот. Испреплетувањето на различни музички пристапи и инструменти, истории на звуци и нескротлива музичка фантазија и вештина е широкиот водечки принцип на триото Širom, чии членови потекнуваат од различни региони на Словенија (Прекмурје, Толминско и Крас). Повеќе од дузина инструменти, рачно изработени но и светски познати, може да се најдат на репертоарот на Изток Корен, Само Кутин и Ана Кравања и најмалку уште толку музички форми што можат да се доживеат како инспирација зад ликот на овој нов ансамбл. Сепак, во нивната практика и искуство, тие остануваат закотвени во својот креативен процес дотаму до каде што тој ќе им допушти да ги избегнат рефлексиите на постоечките обрасци. Ова генерира оригинална, стилски хомогена форма на изразување што осцилира помеѓу еден широк спектар на фолк звуци и современи акустични рок медитации. Крајниот резултат е непретенциозен, но во исто време и мистичен минимализам. Музиката на Širom е контемплативна, но може да стане и тврда кога е потребно, повеќе бендовска одошто камерна и повеќе улична одошто урбана по својата природа. КИКО ДИНУЧИ е бразилски гитарист и композитор од Сао Паоло. Тој е еден од основачите на групите Metá Metá и Passo Torto. Има соработувано со Елза Соарес, Том Зе, Криоло и други. Искуството што го стекна на панк-рок/хардкор сцената од деведесеттите во Сао Паоло, како и од самба сцената и религиозните „кондомбле“ активности, го обликуваа неговиот стил на свирење. Отсекогаш се водел од идејата гитарата да ја свири како перкусивен инструмент. Првиот соло албум, „Cortes Curtos”, го издаде во 2017, а во 2019 година Динучи започна да работи на следното издание. „Rastilho”, опишан како „апокалиптична самба“, излезе во октомври 2020 и постигна молскавичен успех и репутација на ремек-дело. Вистински гитарски албум, каде инструментот „покрива“ сè друго, а вокалите и текстовите ги истражуваат текстурите на фолк музиката со масивен, перкусивен и енергичен начин на свирење. Албумот потсетува на ремек делата на бразилската музика од минатиот век. Динучи во себе ги носи влијанијата на легендите на бразилската песна и акустичната гитара како Доривал Каими, Баден Пауел, Жоао Боско или Жилберто Жил. „Извонреден од почеток до крај“ (Џајлс Питерсон), албумот „Rastilho“ го зацврстува Кико Динучи како еден од најзначајните експоненти на современата бразилска музика. На 20. ОФФест ќе настапи заедно со специјалната гостинка ЈУСАРА МАРСАЛ. ПИЈАН СЛАВЕЈ (или Бранислав Николов) е реномиран музички уметник, изведувач, автор, поет, пејач и фронтмен на групата Фолтин. Роден е 1971 година во Битола. Како еден од основачите и клучни членови во бендот, зад себе има девет студиски изданија, како и музика за преку триесет театарски претстави и неколку документарни и играни филмови, меѓу кои, кандидатот за Оскар „Медена Земја“, интернационално наградуваните „Исцелител“, „Avec L'Amour (со љубов)“, „Cash & Marry“ и други. Со концертни настапи и театарски претстави гостувал во Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Русија, Црна Гора, Англија, Либан, Холандија, Белгија, Турција и Чешка. За својата творечка активност има добиено повеќе признанија и награди. Тој е денес, без сомнение, еден од најоригиналните и најхаризматичните дејци на домашната музичка сцена, познат по својата спонтаност, експлозивност, емотивност и страст во живите настапи. Надвор од работата во групата, одржал концерт со Македонската филхармонија и објавил две збирки поезија. Пијан Славеј е неговиот прв музички и поетски соло излет.. Весникот Гaрдијан го нарече БЛИК БАСИ „еден од најинвентивните и најоригиналните африкански музички автори“. Камерунскиот гитарист и вокалист, со живеалиште во Париз, ги вкрстува африканските традиции, бразилската боса-нова и Мисисипи блузот со полетните мелодии и сугестивниот, кршливо нежен, фасцинантен вокал. Тој пее на јазикот Баса, еден од 260-те јазици што се зборуваат во Камерун. Песните на Баси се возбудливи, емотивно и политички набиени и поткрепени со впечатлива инструментација на виолончело, труба и тромбон. Неговиот нов албум „1958“ има сериозна политичка конотација: во таа година е застрелан Рубен Ум Нјобе, водачот на борбата за независност на Камерун, од страна на колонијалните француски трупи. Баси ги враќа сеќавањата за него, истовремено потенцирајќи ја врската со сегашноста, со денешниот Камерун. Земјата е можеби независна денес, но сепак управувана од авторитарен режим којшто ги потиснува сите сеќавања на активистите како Нјобе. Современ звук без граници, своевидна декларација за независност и воедно чин на нескротливост.
The post Јубилејно дваесетто издание на OFFest од 9 до 13 ноември во Скопје appeared first on Република.
Written by: KissFM
ВЕБ РАЗВОЈ И ДИЗАЈН АЛЕКСАНДАР РИСТОВСКИ
Post comments (0)