Естрада

Триумфално финале на ТАКСИРАТ – најпосетуваниот музички фестивал во Македонија

today10/12/2021 7

Background
share close

Со премиерниот настап во Македонија на великанот на светската електронска музика, фамозниот маестро Борис Брејча завчера (среда, 8 декември) во 4 часот наутро, заврши годинашниот ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ! Во речиси тричасовен сет, славниот втемелувач на хај-тек минимал техното ја донесе кулминацијата на фантастичната атмосфера достојна за големото финале и затворање на фестивалот кој почнувајќи од 25-ти ноември па до 7-ми декември на различни бини и локации во Скопје претстави вкупно 44 музички настапи. Од нив, дури 14 изведувачи, меѓу кои и легендарните „Мизар“, „Партибрејкерс“, „Санаториум“, беа дел од деветчасовната програма на главната вечер со која и беше официјално затворено 23-тото издание на фестивалот. Овие денови со Таксират, Скопје дефинитивно беше музичкиот епицентар во регионов кој започна и заврши со целосно распродадени концертни вечери и уште еднаш го потврди својот статус на најпосетуван музички фестивал во Македонија. Главната вечер која се одржуваше во С.Ц. Борис Трајковски во Скопје понуди речиси 9 часа музичка програма со истовремени настапи на три различни бини, а главната ѕвезда на вечерта, Борис Брејча со неговиот настап несомнено ќе биде запишан меѓу најславните затворања на фестивалот, но и како еден од клучните музички моменти во историјата на Таксират. Со импресивни специјални ефекти, во Арената исполнета до својот максимален дозволен капацитет, апсолутниот миленик на клупската публика ни подари еден од своите епски сетови, а публиката на Таксират имаше привилегија да биде меѓу првите во светот пред кои Брејча го претстави и својот нов албум објавен пред само 10 дена и го покажа сиот раскош на неговиот талент. А, дека и за него Таксират беше посебна вечер ни покажа со тоа што го продолжи својот сет за цел час повеќе од стандардното траење на ваквите настапи. Единствено музичко искуство приреди и неговата долгогодишна соработничка, харизматичната Ен Клу која со својот специфичен и моќен сет пружи неверојатна енергија за танц и беше вистински избор за вовед во завршницата на големото финале. Главната бина помина и во знакот на трите легендарни бендови од најголемо значење за музичката сцена во регионов. Публиката најпрво ја воодушевија мајсторите на треш-метал музиката, македонскиот САНАТОРИМ на чиј маестрален и жесток настап главната бина одекна во својот најекстремен звук. По нив следуваше импресивниот концерт на култниот МИЗАР кој ја маѓепса публиката со својот уникатен и моќен звук кој благодарение и на одличните визуелни и светлосни ефекти на бината се прелеа во инспиративен амбиент за вистинско уживање. Партерот на Арената потоа го исполни публиката од различни генерации кои на Таксират со своите вонвременски хитови ги обедини легендарното име на регионалната музичка сцена, неуништливите ПАРТИБРЕЈКЕРС кои брилираа на главната бина со моќен, чистокрвен рок настап. За оваа вечер на Таксират, покрај главната Арена беше отворена и малата сала во С.Ц. Борис Трајковски каде што на втората фестивалска бина настапија дел од регионални трап/хип-хоп ѕвезди на денешницата со најбрз подем и покажаа зошто токму тие прават хитови кои надминуваат милиони прегледувања на видео и стриминг сервисите. Оваа бина беше главно збирно место за новата Таксират генерација која ја покажа сета своја автентичност, а фантастичното расположение на и од бината го пренесоа извонредно популарните „З ++“ од Хрватска, „Црни Церак“ од Србија и водечките македонски имиња на овој жанр Бон Праскиза, Јанг Дади, Ајри Скреч и Шорти Пи. Третата фестивалска бина пак, беше резервирана за најуникатната атмосфера со тивкиот но разигран подиум на „Сајлент Диско“ каде што публиката на слушалки можеше да го одбере својот омилен настап од трите кои паралелно се одвиваа зад диџејскиот пулт и тоа од страна на диџеите Мартин, Рутбој и Кејп. Оваа програма на Таксират уште од првата најава предизвика огромен интерес кај публиката од целиот регион и пошироко, а згора на тоа и се одржуваше во ограничен капацитет кој го наложува актуелниот протокол, па на распродадената главна вечер уште огромен број посетители останаа до последен момент во потрага за билет повеќе. Уште со почетокот на ова Фестивалско издание, ТАКСИРАТ ја потврди својата клучна улога и посветеност во промоцијата на македонските музички изведувачи и креирањето на креативна и функционална платформа за вмрежување и соработка на музичките дејци од целиот регион со останатиот дел од Европа. Имено, годинашниот ТАКСИРАТ Фестивал беше отворен со тридневната меѓународна музичка конференција ПИН која со импресивна програма се одржуваше во Младинскиот Културен Центар во Скопје претставувајќи повеќе од 30 концерти и над 200 говорници и делегати кои пристигнаа во Скопје од најголемите и најзначајни музички „стејкхолдери“ од вкупно 40 земји од Европа, па и од Куба. Во време кога и светската манифестациска индустрија почнува да се враќа на нозе, „Пасворд Продакшн“ успеа да го реализира ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ со ригорозно почитување на пропишаните заштитни мерки за присуство на настани. Присуството на ТАКСИРАТ беше организирано во склад со мерките кои важат во Македонија за борба против пандемијата и процедурите беа спроведувани за време на сите настани на фестивалот. За влез покрај билет беше потребен дополнителен документ – сертификат за примени две дози вакцина против Ковид-19, или дека е прележан Ковид-19 во последните 45 дена.

The post Триумфално финале на ТАКСИРАТ – најпосетуваниот музички фестивал во Македонија appeared first on Република.

Напишано од: KissFM

ОЦЕНКА

Предходни вести

Естрада

Групата „Аманет“ ја промовираше „Добро утро, добар ден“ во чест на Свети Климент

Во чест на големиот православен празник Св.Климент, групата „АМАНЕТ“ од Битола, премиерно ја објави финалната верзија на нивната нова песна „ДОБРО УТРО, УБАВ ДЕН“. Во овој проект учествуваа: Шенол Мемиш – вокал, Даниела Дани – пратечки вокали, Драган Романски – гитари, Дадо – труби, Ѓокан Луманоски – тарабука, Томче Јанкуловски – хармоника Сашо Паркет – продуцент, Драган Романски – видео, Музика и текст : Драган Романски. Добро утро, убав ден […]

today09/12/2021 11

Коментари за веста (0)

Оставете ваш коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

0%