Естрада

Брејча, Партибрејкерс, Мизар, Санаториум… за затворање на 23. Таксират Фестивал

today06/12/2021 35

Background
share close

Финалето на 23-тиот ТАКСИРАТ Фестивал – најголемиот зимски урбан музички фестивал во Југоисточна Европа, ќе се одржи во вторник, 7 декември во Скопје! Со вкупно 14 настапи на три бини во С.Ц. Борис Трајковски, за големото затворање на овогодишниот Таксират пристигнуваат водечки светски, регионални и домашни музички уметници на електронската, рок, метал и трап/хип-хоп сцена. На главната бина на ТАКСИРАТ, посетителите ќе имаат привилегија да уживаат во премиерниот настап во Македонија на фамозниот маестро БОРИС БРЕЈЧА – истакнат суперхерој на светската електронска сцена и еден од најбараните изведувачи на денешницата кој и покрај веќе трасираните музички правци сепак одлучи да создаде свој звук и дочека неговиот „хај-тек минимал“ да биде еден од најпопуларните електронски стилови денеска, а тој да настапува на сите најголеми светски фестивали со препознатливата „џокер“ маска. Заедно со Брејча, од Германија пристигнува и неговата долгогодишна соработничка, извонредно харизматичната ЕН КЛУ – позната по своите непредвидливи сетови и посебна енергија. Главната бина на Таксират оваа година има чест да биде домаќин на три исклучително значајни, легендарни музички имиња од македонската и регионалната сцена и тоа неуништливите ПАРТИБРЕЈКЕРС – еден од највлијателните и најистрајни рок бендови во регионов кои веќе 40 години воодушевуваат испорачувајќи моќен звук на сцена; култната МИЗАР – ѕвездата водилка на македонската музичка авангардна, алтернативната рок група која важи за пионер на дарк-вејв естетиката во регионот; и најзначајната македонска треш-метал група САНАТОРИУМ – подеднакво култно име кое три децении е музичка лектира на балканската метал-сцена. Втората бина, лоцирана во малата сала на С.Ц. Борис Трајковски е резервирана за највлијателниот трап/хип-хоп звук од земјава и регионот, кој ќе се чуе преку настапите на „З++“ од Хрватска, „Црни Церак“ од Србија и македонските предводници на жанрот „Бон Праскиза“, „Јанг Дади“, „Ајри Скреч“ и „Шорти Пи“. Третата бина „SILENT DISCO“ ќе понуди музичка селекција од страна на три докажани диџејски имиња кои владеат со подиумите низ македонските клубови, а кои оваа вечер во исто време ќе застанат зад диџејскиот пулт, додека посетителите преку слушалки ќе можат да ги менуваат трите фреквенции избирајќи го својот омилен ритам за танц. Влезот за посетителите ќе биде отворен во 19:00 часот. ОФИЦИЈАЛНИ ПРОЦЕДУРИ ЗА ВЛЕЗ НА ФЕСТИВАЛОТ ТАКСИРАТ Фестивалот ќе се одржи во согласност со актуелните безбедносни протоколи за организирање на настани, според кои е ограничен капацитетот на настанот, но и влезот на фестивалот ќе биде ограничен само на посетителите кои имаат документ/сертификат дека примиле две дози вакцина против Ковид-19 или дека го прележале вирусот во последните 45 дена. Поради овие процедури, а со цел да се избегнат гужвите при влез на настанот, апел до сите посетители да го имаат предвид протоколот и да доаѓаат порано, односно најмалку еден час пред настапот од програмата кој не сакаат да го пропуштат. Сите оние кои своите билети ги купиле онлајн не треба да вршат замена на ваучерите за билети, туку треба само да ги приложат интернет ваучерите (ПДФ документот во нивниот и-мејл) при влез на Фестивалот, испечатени или од нивниот мобилен телефон. БИЛЕТИТЕ СЕ ДОСТАПНИ ВО ОГРАНИЧЕН БРОЈ Двата контингенти од билетите за ТАКСИРАТ со промотивни цени се веќе целосно распродадени, а во моментов актуелна е претпродажбата на билетите чија цена изнесува 800 денари. Поради големиот интерес за настанот и ограничениот капацитет, билетите брзо се распродаваат, па сите кои допрва сакаат да го резервираат своето присуство треба да го сторат тоа што поскоро. За време на настанот, преостанатите билети ќе се продаваат по нивната полна цена: 1.000 денари. Сите информации за онлајн купување и продажни места се достапни на интернет-страницата на МкТикетс .

The post Брејча, Партибрејкерс, Мизар, Санаториум… за затворање на 23. Таксират Фестивал appeared first on Република.

Written by: KissFM

Rate it

Post comments (0)

Leave a reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

0%