EX-YU ЕСТРАДА

Што ќе се случи со „Парни ваљак“ по смртта на Аки: Кој е единствениот човек што може да го замени? (ФОТО)

today24/01/2022 42

Background
share close

 

Аки Рахимовски беше еден од најпознатите и најпрепознатливите пејачи на некогашната екс – ЈУ, денес регионална естрада. Откако пред неколку дена му биле вградени четири стента во загрепската клиника, Рахимовски во саботата колабирал додека бил на прошетка со сопругата во Ново Место, каде што живееше последните години и подоцна починал во тамошната болница. Аки следниот ден планирал патување во Македонија и посета на неговата мајка, која ги замолил пријателите да помогнат од домот за стари лица каде што била сместена, што побргу да биде префрлена во болнички услови, заради влошената здравствена состојба. Телефонски контактирал со неколку луѓе, меѓу кои и еден познат и угледен македонски лекар – специјалист, интернист-кардиолог, негов близок пријател во Скопје, кои му помогнале неговата мајка да добие болничка грижа.

Аки разговарал и со другарот од детството Здравко Ситновски – Ситна и се договориле тој да го пречека на аеродромот во Скопје. Но, за жал судбината сакаше да биде поинаку, а судниот час ги прекина неговите планови.

Прашање е колку неговиот интензивен начин на живот влијаел на неговите здравствени проблеми и прераното заминување, но токму неговата страст, срчаност, емоции и желба со кои пристапуваше кон концертите, како и исклучителните пејачки способности беа едни од најважните карактеристики на успехот на групата на која заедно со нејзиниот лидер Хусеин Хасанефендиќ – Хус, Аки беше заштитен лик речиси половина век. „Парни ваљак“ се етаблира како институција на музичиот меинстрим во поп-рок музиката и беа најдолготрајниот домашен бенд со активно работно искуство, кој освен неколкугодишна пауза, непрекинато свири од 1975 година. По стари години го забрзаа темпото крунисувајќи го постоењето со гламузрозните и спектакуларни концерти по повод 40 годишнината од своето постоење, настапувајќи во ритам кој оддамна го фатија. Токму тој ритам сега дефинитивно е доведен во прашање со смртта на Аки Рахимовски, а со тоа и прашањето: Што ќе се случи со „Парни ваљак“ понатаму? Има ли некој кој може да го замени вонсерискиот пејач и кој е тој? Дали можеби ќе го замени неговиот син од првиот брак Кристијан Рахимовски, кој има прилично сличен глас како неговиот татко, кој на социјалните мрежи со фотографија на која Аки како бебе го држи в раце и трогателен пост се прости од својот татко?

Но, тајната на успехот и идентитетот на песните на бендот не лежат само во вокалната изведба, туку во целокупната експресија, начинот на кој емоцијата знаеше да ја почувствува, прими и пренесе во песната и особено на сцената, единствениот Аки Рахимовски. Зашто многу добро, па дури и одлично знаат да пејат многумина, па и неговиот наследник Кристијан, но само Аки можеше со својата изведба да ви ја допре душата или поточно: на песната да и вдахне душа… Онака како што „есента во нас понекогаш знае да царува“ за да испише нова „страница на дневникот“ на животот со „бавна лесна песна“, што како „отров ни влегува во вените“, додека се’ уште „се’ мириса на неа“…

На саканата личност која повеќе ја нема во нашиот живот. А „Парни ваљак“ без Аки тешко дека би биле повеќе тоа што беа досега, зашто дозата на неговиот вокалано-емоционално-уметнички печат е пресилна, за да може некој одново да ја вбризга во нивната музика, да му направи „копи-пејст“ на Аки… Затоа „Ваљак“ без Аки би биле како „Квин“ без Фреди Меркјури, „Дорс“ без Џим Морисон, „Инексес“ без Мајкл Хачинс… Невозможна мисија! Со оглед на тоа што се случи, сепак треба да се оставиме време на членовите на групата по ненадејната смрт на клучниот член да одлучат како, со кого и дали воопшто можат да продолжат понатаму.

Напишано од: KissFM

ОЦЕНКА

Коментари за веста (0)

Оставете ваш коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

0%